imagazin arrow2-left arrow2-right arrow2-top arrow-up arrow-down arrow-left arrow-right cart close dossiers education fb instagram menu notification oander rss rss-footer search service shuffle speech-bubble star store stores tests twitter youtube

Рецензии на игри за крајот на годината: темната страна на App Store


Поради строгите регулации на Apple, изборот на апликации во App Store е се повеќе ограничен, посебно во споредба, на пример, со Google Play. Меѓутоа, тоа не значи дека не можеме да пронајдеме апликации со полош квалитет. Поради тоа, сега веќе минатата година одлучивме да ја заклучиме со рецензии на игри од темната страна на App Store.

Иако се празници, одлучивме да нурнеме во мочуриштето на лоши апликации. Можеби најдобри примери се разните лоши копии на Grand Theft Auto серијалот, кои пробуваат да ги освојат корисниците со избор на слични наслови и теми и нашминкани промотивни фотографии. Во продолжение ви претставуваме четири интересни примери токму од оваа група…

Mad City Gangs: Nice City

Mad City е всушност цел серијал, но го издвоив Nice City, бидејќи името му е речиси идентично на култниот GTA Vice City. Според описот, авторот е Dmitry Gavrlilov. Меѓутоа, мојата потрага по програмерите со такво име беше залудна – најдов само неколку кошаркари од Казахстан.

Кога ќе се стартува Nice City, играта веднаш бара пристап до вашата локација, што во најмала рака е необично, бидејќи се работи за акциска игра надвор од мрежата. Забавата почнува по краткото воведно ниво, во кое морате да пукате во некои полицајци во подземно паркиралиште. Графиката на почеток се чини поднослива, но синхронизацијата е болно лоша. Глума нема ни во траги, квалитетот на звукот е никаков, а словенскиот акцент е толку нападен што би го слушнале и глувите.

Кога конечно ќе излезете на улица, прво што ќе забележите е слабата графика. Градот е целосно напуштен, гледате само некои неподвижни елементи, како канти за ѓубре и расветни тела. Околу лутаат секогаш истите луѓе, а сите жени се за половина помали од мажите (можеби тоа е личниот вкус на нашиот Dmitry). Мене најдобар ми е претепаниот бескуќник, кој воедно е и трговец со оружје и својата богата понуда ви ја открива во скриена улица. Кој знае, можеби тој изглед на клошар со модринка на окото е само мамка, но навистина не изгледа како класичен тип од кој би купиле пиштол. Но, барем е кул.

Секако, играта речиси воопшто не личи на скринштотовите кои ги гледате во App Store. Исто така, очигледно не е најдобро оптимизирана, бидејќи често го блокира смартфонот и доста добро го загрева. Покрај сето тоа, постојано ви пристигнуваат реклами, со што се засилува впечатокот дека гледате Krim Tim на RTL. Во секој случај, единствената убава работа во Nice City се наоѓа во насловот.

Maiami Crime Simulator 3

Уште една игра инспирирана од Vice City, но оваа врска ќе ја препознаат само корисниците на врвните асоцијативни вештини. Имено, Miami е еквивалент на Vice City, но од некоја бизарна причина, наместо Miami, имаме Maiami. Програмер е Naksis OOO, за кој исто така не може да се најде апсолутно ништо на интернет.

Во споредба со Nice City, текстурите се поубави (од ауспухот излегува дури и чад!), но градот е уште попоразен. Делови од нивото се вчитуваат пред вашите очи, но барем нема замрзнување или прегревање на уредот. Во поставките можете да управувате само со јачината на гласноста на музиката во играта, што е интересно, бидејќи во Maiami Crime Simulator 3 нема музика.

Нема никакви описи на играта. Секој пат кога ќе ја отворите, почнува од истото место: скокате на мотор и се наоѓате среде улица со Латино гангстери и жени во костими. Еден од нив ќе сретнете во секоја улица, па не можеме да кажеме дека Мајами е посебно населен град.

Своите ривали можете да ги удирате, а врв на вашето умеење е скокот инспириран од Chuck Norris – бидејќи се работи за посебно движење, за него имате и посебно копче. Ако ви здодее да се возите на мотор, можете да влезете во некој од автомобилите кои ќе ги најдете на улица. Не ми појде од рака да ја сфатам поентата на оваа игра, а во текот на тестирањето не наидов на никаква промоција или понуда нешто да купам. Да заклучам: иако едноставна и не посебно квалитетнаа, во споредба со Mad City, оваа игра е барем симпатична.

Crime City Police Car Chase: Auto Theft & Real Action Shooting Game

Нема официјална награда за најдолг наслов во App Store, но доколку постои, би и ја доделиле на оваа игра. Според описот даден во главното мени, насловот сега е променет во Crime City Police: Car Chase, што е интересен пресврт. Инаку, авторот не оваа игра, Usman Sheikh, не е посебно добар во англискиот. Уште во првата мисија имате задача да украдете автомобил, само што наместо „steal“ пишува „steel“. Кој знае, можеби треба да се исчеличи некој автомобил?

Насловот, кој добива посебна димензија кога ја користиме скратеницата CCPCC:AUTRASG обично има некои врски со мисиите, но мене играта ми остави толку лош впечаток што успеав да одработам само една задача. Иако графиката е подобра отколку во претходните два случаја, управувањето е лошо, рекламите ве напаѓаат на секој чекор, а електронската музика од 90-те го прави целото искуство неподносливо. Ако сакате самите да се уверите во тоа колку оваа игра е лоша, топло ви препорачувам најпрвин да ставите некој ad blocker.

San Andreas Crime City

Иако сме повторно во Crime City, оваа игра нема никаква врска со претходната. Барем авторот е поинаков: во овој случај го имаме Muhammad Yasar Khan. Но, San Andreas е дефинитивно паметен избор, бидејќи кај пребарувањето на најпопуларните GTA мобилни игри, оваа игра, исто така, се појавува. Ако името веднаш не ве освои, во главното мени ќе ве дочека NPC од играта Rockstar. Но, се чини дека San Andreas е всушност скриена германска провинција, бидејќи во оваа игра имате само Porsche возила со ознака D на регистарските таблички.

Градот е опкружен со песочни плажи, но по нив можете да возите како по асфалтиран пат. Уште повеќе, можете вие да влезете и во вода, но тогаш сигурно ќе се изгубите. Графиката дури и не е толку лоша, но сликата понекогаш паузира, а и телефонот знае да се загрее. Автомобилот скоро по правило некаде запнува, а ако некого го удрите, застанува во место. Јас издржав само пет минути играње. Ако сакате да искусите сосемаа поинаков San Andreas, играјте ја оригиналната верзија наопаку, бидејќи оваа игра никому не би му ја препорачал.

Пишувајќи го овој текст, морав да се контролирам да не продолжам со листата. На пример, ги изоставив Mad City Crime, Criminal Russia 3D Gangsta Way, City Gangster, Urban City Car Gang Crime Wars 3D и уште многу. Во оваа прилика нема вообичаени линкови за преземање, бидејќи не сакам никој да преземе ниту една од овие игри. Нивните автори уште и ќе помислат дека се успешни. За среќа, ваквите игри ретко можат да се најдат на топ листите, но докажуваат дека има коров и во App Store. Барем од онов вид што го гуши добриот вкус.

 

Apple Inc. (AAPL)

Дали го прочита ова?

Воодушевен што сум повторно во Франција за да се сретнам со талентираниот тим во Марсеј.

Воодушевен што сум повторно во Франција за да се сретнам со талентираниот тим во Марсеј.